Потрагата по двегодишната Данка Илиќ влезе во осмиот ден, но и натаму изостануваат официјални информации за судбината на исчезнатото девојче. Дали Данка е на видеоснимката од Виена, кој ја објави Србин кој живее во австриската престолнина, или станува збор за девојче кое личи на неа, сè уште нема потврда.
Српското Министерство за внатрешни работи вчера не се огласи за чекорите кои се преземаат во истрагата. Дел од српските медиуми пренесоа дека се пребарувала и депонијата на стариот пат за Бањско поле кај Бор каде исчезна Данка. Претресот на тој терен завршил нешто по пладне, локацијата прво ја напуштила полицијата, а потоа и багерот кој околу еден час копаше низ депонијата.
Нови изјави во полиција вчера даваа сите членови на фамилијата на Данка, како и нејзините родители, а нивното испрашување ќе продолжи и во наредните денови. Засега не е познато што изјавиле тие по прегледување на снимката од Виена, односно дали ја препознале или негирале дека е нивната ќерка.
Српската полиција достави податоци за исчезнатото девојче до колегите во Австрија, како и снимката што ја објави Србинот кој живее во Виена. Австриските органи веднаш отпочнаа истрага, а Интерпол распиша жолта потерница по Данка Илиќ.