Сите нејаснотии во врска со одлуката за забрана за прием на деца во градинкте во однос на нивниот вакцинален статус ќе бидат разјаснети утре на вонредниот состанок на Комисијата за заразни болести, порача министерот за здравство Демири по бројните реакции на родители кои велат дека нивните деца се редовно вакцинирани и чекаат на определениот термин за ревакцина, затоа е несфатливо зошто да не бидат примени во градинка. Секој коментар кој ќе го даде Комисијата за заразни болести за ваквата состојба јас ќе го почитувам како министер, порача Демири и побара трпение од родителите. Воедно забележа дека жали што одредени деца се вакцинирале со задоцнување, па сега има реперкусии.
„Според прописи и според сознанија ако некој е вакциниран, не гледам зошто да биде попречен да присуствува. Зборувам да е вакциниран комплетно, треба да има три дози примени за да биде комплетно вакциниран, а потоа се ревакцинира“, изјави Демири.
Министерот додаде дека КБЗ и ДСЗИ треба да кажат дали децата кои немаат ревакцина може да одат во градинка.
Демири нагласи дека е многу важно да се внимава на сензибилитетот на кампањата за вакцинација затоа што се работи за здравје и за животи, доколку имаме предвид дека загрижувачки е кога има ситуација во која говориме за 14.000 нецелосно вакцинирани деца во градинките во време на епидемија.
За дел од родителите кои од оправдани причини го пролоногирале вакцинирањето во време на пандемија со Ковид 19, има дилема што да прават, нивното дете и покрај примени три дози вакцина не може да посетува градинка.
„Моето дете има три и пол години на 6 месеци прележа тежок облик на Ковид кога ние бевме еден месец во болница. По препорака во Козле ни беше речено дека треба да чекаме подолг период дали детето ќе има пост ковид последици, потоа треба да почне во градинка каде задолжително ни ја бараат МРП вакцината, по МРП вакцината детот тргнува во градинка и следат настинки поради кои се одложува вакцината. Нас ревакцината ни е закажана за 2025 година. Кој мене до тогаш ќе ми го чува детето“, изјави родител којшто сакаше да остане анонимен.
Голем број родители револтирано реагираат дека е неправедно да бидат поистоветувани со антиваксерите, доколку имаме предвид дека постоеле причини медицински базирани за подоцна да ја примат вакцината.
Центарот за јавно здравје – Скопје денес потврди нови 11 случаи во текот на едно деноноќие, дел се вакцинирани, дел делумно вакцинирани. Најмалото дете со потврден пертусис има 4 години, а највозрасниот – 44 години.
Нина Стефанова