„Најбитната песна од творештвото на Кочо Рацин е песната „До еден работник“, тоа е првата песна напишана на македонски јазик и објавена во загрепското списание Книжевник во 1936 година, која е со социјален и револуционерен мотив. Тоа е три години пред „Бели мугри“, тоа е зародишот на првата книга. Мене ми се чини дека и Коле Неделковски којшто објавува 1940-41 всушност тргнува по стапките на Кочо Рацин, кој е свесно настроен борец, кој се посветил себе си, се жртвувал за постоењето на македонскиот јазик и култура“, истакна во вечерашната Топ Тема, д-р Елена Јованова – Грујовска, редовен професор во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Таа потсети дека оваа година е многу значајна за нас, затоа што годинава се одбележуваат 85 години од објавувањето на збирката поезија „Бели мугри“.
- Од една страна го имаме Кочо Рацин и кодификацијата на македонскиот јазик, тоа се две неизбежно поврзани работи. Колкаво е неговото влијание врз кодификацијата?
„Всушност Рацин покажува дека велешкиот говор е подготвен да биде основата на идниот македонски литературен јазик. Нели и Крсте Мисирков кажува во неговата книга „За македонските работи“ (1903) дека велешкиот, прилепскиот, битолскиот и кичевскиот на едно место, на друго охридскиот се основата на македонскиот литературен јазик. Кочо Рацин го става велешкиот говор со извесни примеси од другите дијалекти од западното наречје го става во акција и покажува како би звучел, како би изгледал македонскиот литературен јазик. И очигледно на Блаже Конески и на неговите современици при создавањето на нормата им одговарало на увото тоа што го виделе, што го прочитале во „Бели мугри“ и воопшто од творештвото на Кочо Рацин, како и партизанските текстови кои што ги објавувал Кочо Рацин и затоа велешкиот се наметнува како основа на македонскиот литературен јазик, всушност ми се чини дека во Втората светска војна е извојувана последната победа за кодификација на македонскиот јазик во новата македонска држава. Тројцата најголеми мислители на Македонците во 20. век се Крсте Мисирков, Кочо Рацин и Блаже Конески“, рече професорката Јованова – Грујовска.
ЦРВЕНИОТ ПОЕТ – ТВ Мини Серија – прва епизода 09.01.2024 во 20 часот