Опколување на Газа на северот на Појасот, ликвидација на десет команданти на Хамас кои ги опиша како учесници во организација на нападот на 7 октомври и оценка на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека израелската војска бележи „импрезивни успеси“ на терен. Меѓутоа, неколку дена по копнениот упад во енклавата и обидите за изолација на милитантната група, аналитичарите сметаат дека и палестинскиот отпор е подготвен за предизвикот. Според нив, се плаќа висока хуманитарна цена, но и по израелската репутација во намерата за исцрпување на Хамас и „сечење“ на Појасот на два дела – северно и јужно од Газа.
Според Матео Брешан, професор по стратешки студии на Универзитетот ЛУМСА, Хамас успеа да истрела 6.000 ракети врз Израел и, како што додава, тој број ја покажува воената способност на групата што никогаш ја немала. Тој е во дилема како е можно Хамас да изведе 20 напади врз 20 различни села, но и заклучува дека Хамас имал јасна обука и подготовка за такво нешто. Затоа, вели Брешан, одговорот на Израел е поинаков од минатото, не е лесен, не е едноставен и ќе треба време.
И командантот на американските специјални сили, Деметрис Ендрју Гримс е согласен дека Хамас долго време се подготвувал за кампањата. Според него, многу ракетни батерии биле закопани под земја или распоредени во мрежата на тунели под Газа. Тој смета дека и жртвите во израелската армија се „големи“, со оглед дека се само четири цели недели во кампањата.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска неочекувано го посети окупираниот Западен брег и се сретна со претседателот на палестинската самоуправа, Махмуд Абас. Неговата патување во Рамала беше дочекано со протести од локалното население.
Блинкен му порачал на Абас дека САД се посветени на испраќање на хуманитарна помош и враќање на клучните услуги во Газа. Неговиот домаќин, пак, изразил подготвеност за преземање на целосна одговорност врз Појасот Газа во рамки на сеопфатно политичко решение во кое би влегле окупираниот Западен брег, источен Ерусалим и Газа по завршување на војната меѓу Израел и Хамас.
Сашко Димовски