Премиерот Димитар Ковачевски се уште без директен одговор на прашањето дали владата се дообјаснила со Европската комисија за ставањето на европско знаменце на петте закони кои се носат за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“, за побрза изградбата на делниците од автопатите од Коридорите 8 и 10д, потег на владата за кој од Брисел стигна јасно „не“.
„Јас имам комуникација не само со Делегацијата на ЕУ, туку и дневна комуникација со американската амбасада, тоа вчера го Потврди и високиот претставник на Стејт департментот, г-динот Ескобар. Во однос на законите за „Бехтел и Енка“ ние објаснивме дека повеќе нема да дозволиме кочење на собранието бидејќи две години има само блокади во Собранието. На граѓаните не им требаат блокади им требаат коридори и модери автопати“, изјави Ковачевски.
Во меѓувреме за првиот од петте предлог-закони кои добија европско знаменце за да ја поминат побрзо собраниската процедура, Законот за работни односи, заврши дводневната расправа во Комисијата за европски прашања, а од утре по два дена расправа им следи и на преостанатите четири предлог-закони – за урбанистичко планирање, за градење, за експропријација и за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер.
Премиерот Ковачевски е дециден дека законите во Собранието ќе бидат донесени, а за тоа дали претседателот на државата, Стево Пендаровски, ќе ги потпише ставот му е дека шефот на државата е правник кој сигурно ќе ги изанализира законите.
„Претседателот на државата е правник, професор по право. Сигурно има исклучително искусни правници во неговиот Кабинет, коишто јас исклучително ги ценам. И сигурно низ анализа на законите кои што се поднесени, на крајот тој ќе го даде својот финален збор“, вели Ковачевски.
Од Кабинетот на претседателот за Телма информираат дека тие ги немаат предлог-законите и оти ставот на шефот на државата ќе ги види законите откако ќе заврши за нив целосно процедурата во Собранието, односно откако ќе бидат изгласани од пратениците.
Унаку пред десетина дена Пендаровски изјави дека нема да стави свој потпис на Законот за работни односи доколку тој предвидува работна недела подолга од 40 часа, објаснувајќи дека минатата година Уставниот суд веќе се произнел за друг закон со таква одредба, како за неуставна.
Тамара Грнчароска