Внесувањето на Бугарите во уставот, што го прифативме со преговарачката рамка, беше замена за радикалните ставови усвоени од бугарското Собрание, со кои се наложуваше да се откажеме од нашата историја и да признаеме дека сме биле Бугари до 1944-тата година и се направи практично бришење на овие нивни радикални ставови, изјави во вечерашната Топ Тема, пратеникот на СДСМ во македонското Собрание, Ненад Коциќ.
Тој изјави дека со внесувањето на Бугарите во уставот нашата држава ќе направи јасна дистинкција дека постојат два различни народи, македонски и бугарски, признаени во нашиот Устав и со тоа паѓаат во водата ставовите на Софија дека станува збор за два исти народи.
Коциќ оцени дека инаетливите ставови на ВМРО-ДПМНЕ не се ништо друго, освен создавање на клима за уште една криза, од која сакаат политички да профитираат.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски, повтори дека според најголемата опозициска партија нема никаква потреба од уставни измени.
Јас лично немам ништо против Бугарите или било која друга националност, но не е време, зашто гледаме дека со прифаќањето на францускиот предлог се обврзуваме на исполнување дополителни услови, преку членовите 8 и 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија, кој беше потпишан од Зоран Заев и Бојко Борисов, оцени Здравковски.
Ние се наоѓаме во подредена позиција и оставаме простор на Бугарија понатаму во процесот на преговори, да дава нови и нови услови и да го користи ветото, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.