Новоизбраниот раководител на ОЈОГОКК Ислам Абази за првпат се појави пред јавноста и се заблагодари на своите гласачи-обвинители кои го избраа. Вети борба против организираниот криминал и корупција и рече дека искуството го црпе од повеќе програми, проекти и работни групи во кои учествувал.
Абази кој е од родното село на лидерот на ДУИ Али Ахмети тврди дека можеби се сретнал некогаш со него, но нема блиски врски со соселанецот од Зајас.
Се пофали дека правел анализи за кривични предмети за сериозен криминал и корупција, но кога беше прашан каква му е анализата зошто за 20 години владеење на ДУИ ниту еден функционер на партијата раководена од неговиот сограѓанин Ахмети, не бил кривично гонет, рече дека не правел такви анализи.
Абази самиот потврди дека немал програма за работа, но и покрај тоа успеал да ги убеди колегите да гласаат за него. Рече дека големите предмети на ОЈОГОКК допрва ќе ги запознава по што ќе даде насоки за работа и информации во јавноста. Најави дека тој ќе биде раководител и ќе работи заедно со сите обвинители во ОЈОГОКК.
Повеќе од неговата изјава во видеото.
Во тесна трка и со само два гласа повеќе пред Ермон Незири, Ислам Абази е избран за нов шеф на обвинителството за организиран криминал и корупција.
Станува збор за обвинител родум од Зајас, родното место на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, а првиот владин функционер кој јавно му се обрати на Абази по изборот е Заменик-министерот за правда Агим Нухиу од редовите на оваа партија.
Абази на новата позиција доаѓа од шефовското место во Вишото јавно обвинителство во Гостивар.
Тој е единствен од четворицата кандидати кој не сакаше да комуницира со медиумите изминатиот период.