Култура

Синергија на контрасти низ ретроспективата на Јана Манева-Чупоска во Мала станица

Објектот Мала станица при Националната галерија на Македонија од утре вечер (19 и 30 часот), е домаќин на ретроспективната изложба на уметницата Јана Манева – Чупоска. Изложбата носи наслов „ (С)ликовна исповед“ и ќе претстави бројни дела од богатиот и разновиден опус на уметницата Манева- Чупоска.
– Речиси е невозможно со неколку реченици да се претстави комплексното и повеќеслојно творештво на Јана Манева-Чупоска. Како мултимедијален уметница која подеднакво успешно се реализира во повеќе ликовни, односно визуелни дисциплини: цртеж, сликарство, колаж, инсталација, моден дизајн, видео, перформанс… Инкорпорирајќи ги знаењата од сите наведени области, таа смело создава синергија на спротивставени елементи, истражувајќи ги границите на секој медиум одделно и на сите заедно. Можеби синтагмата како „единство на контрасти“, би била суштински моментум за толкување на нејзините се покомплексни дела, што се потврдува во речиси сите нејзини креации, вели кустосот на изложбата Маја Чанкуловска- Михајловска.
Идејно, а како потврда на споменатата синергија, остварувањата на Јана Манева-Чупoска често се потврдуваат преку играта на фигурација, апстракција, симболика. Концепциски земено, таа се занимава со проблематика која започнува од личните интимни приказни, женски приказни, традиција, секојдневие итн., при што своето поле на нарација го проширува со ангажиран пристап и суптилна критика во однос на различни состојби во општеството. Во нарациска и директна смисла, особено впечатлив е говорот во прво лице изразен преку мноштвото портрети во кои главен протагонист е самата авторка, со што се потенцира потребата за директен говор со гледачот, вели Чанкуловска- Михајловска.
Делата на Јана Манева-Чупоска, и покрај сериозноста на темите и отсликувањето на различни емотивни состојби, суштински отсликуваат позитивен и свеж однос кон уметноста и животот кои во нејзиниот пример континуирано се преплетуваат.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вечерва во Белград се отвора македонски Културно-информативен центар

Дејан Дејан

„Бруталистичка улица“ меѓу десет најдобри проекти на Венециското биенале за архитектура според „Артрибјун“

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе