Слика која се повторува постојано, посебно во летните месеци, густ чад и неподнослива смрдеа од запалената депонија Буково, каде Охрид секојдневно одлага 90 тони смет.
Се наоѓа на патот до нашиот најголем туристички центар, кој води преку Битола и Ресен, па туристите и деновиве минуваат низ отровни облаци. Екологистите алармираат дека депонијата ги труе охриѓани, но загадувањето доаѓа и до Преспа
„Најголема опасност претставуваат канцерогените гасови,како и цврстите честики со димензии помали од 10 микрони. Тие отровни гасови се формираат од согорување на пластични маси и обработено дрво, пред се стар мебел ,обоени и заштитени дрвни елементи. Отровните гасови не трујат речиси три години и ако продолжи оваа ситуација ќе стане алармантно бидејки овие гасови се наречени и тивки убијци“, вели Ѓоко Зороски од Еколог.
Од Охридската локална самоуправа потврдуваат дека ова е сериозен проблем со години.
Градоначалникот Кирил Пецаков вели дека депонијата намерно се потпалува, поради што е воведена 24 часовна чуварска служба. Но, сепак тешко се справуваат со потпалувачите
Во директна соработка сме полицијата, на дневна основа комуницираме, но тие се закануваат на вработениот, доаѓаат во поголема бројка. Не може тој тоа да го спречи сам. Кога ќе дознаат дека е пријавено во полиција се повлекуваат. Ја палат депонијата, за побрзо да излезе на површина железото и бакарот и така го продаваат. Значи човечки фактор е, ова не е друг проблем“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Овој проблем посебно во лeтните месеци се повторува во сите нестандардни депонии, а локалните власти спас гледаат во изградба на современа регионална депонија, за која општините од Југозападниот регион ќе аплицираат за грант од 60 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.
Додека заврши оваа служена процедура, жителите ќе го дишат отровниот чад од депониите кои често се потпалуваат.
Емилија Мисирлиевски