Младите стравуваат дека ќе останат без единствената институција која е надлежна за нив по најавената реорганизација на органите на државната управа со која се предвидува Агенцијата за млади и спорт, од досегашниот статус на самостоен орган, да премине како орган во состав на Министерство за односи меѓу заедниците.
Од Националниот младински совет на Македонија алармираат дека со ваквата одлука ќе биде стеснет делокругот на работа на агенцијата со што ќе се занемарат во целост различните потреби на младите.
Барање до Владата за Агенцијата за млади и спорт да прерасне во министерство испратија од Сојузот за младинска работа и од Коалиција на младински организации СЕГА кои велат дека неопходно е да постои засебен државен орган кој ќе го спроведува законот за младинско учество и младински политики и ќе ги интезивира процесите за поддршка на младите во земјава.
Директорот на Агенцијата, Наумче Мојсовски вели дека иако оваа одлука била донесена на седница на Влада минатата година, за истата биле запознаени пред три недели. Тој вели дека на ваквиот предлог ќе одговорат негативно до Владата.
Од земјите во регионот, Србија, Бугарија и Црна Гора имаат Министерство за млади и спорт, Министерство за благосостојба на младите и децата има во Албанија, а додека пак Министерство за култура, млади и спорт има во Косово.
Мартин Николовски