Вести Економија Свет

Големите извозници на гас ќе се сретнат во Катар среде ќор-сокакот меѓу Русија и Украина

Додека Европа е загрижена за своите испораки на гас поради стравувањата од руска инвазија на Украина, Катар ќе биде домаќин на самит на врвни извозници на природен гас, вклучително и Русија, соопштија организаторите.

Организаторите не потврдија дали рускиот претседател Владимир Путин ќе присуствува на самитот на земјите извознички на гас (ГЕЦФ) на 22 февруари, кој се одржува секоја година.

Русија, Иран и Катар се клучни членки на форумот, кој ќе одржи и дводневни министерски состаноци.

САД и Австралија, два други водечки извозници, не се дел од групата.

Соединетите Американски Држави побараа помош од својот близок сојузник Катар во обезбедувањето итни снабдувања доколку се прекинат гасоводите кон Западна Европа.

Американскиот претседател Џо Бајден за време на состанокот со германскиот канцелар Олаф Шолц, вети дека ќе го затвори гасоводот Северен тек 2 од Русија до Европа, доколку Москва започне инвазија на Украина.

Огромниот нов гасовод е завршен, но допрва треба да започне со испорачување на природен гас до Германија.

Европската унија, исто така, бара алтернативи за рускиот гас во случај на енергетска криза.

Комесарот за енергија на Европската унија, Кадри Симсон, во петокот го посети Азербејџан, членка набљудувач на форумот за гас, во обид да ги диверзифицира изворите на енергија на континентот.

Претходно овој месец, Саад ал Кааби, министер за енергетика на Катар, ѝ рече на ЕУ дека неговата земја не може сама да ја спаси Европа доколку Русија го исклучи снабдувањето со гас, но дека е подготвена да помогне „во време на потреба“.

ГЕЦФ вели дека нејзините 11 членки и седум придружни земји сочинуваат 70 отсто од резерви на гас и 51 отсто од глобалниот извоз на течен природен гас.

Русија има собрано повеќе од 100.000 војници на границата со Украина. Таа негираше дека планира инвазија – но САД предупредуваат дека собрале 70 отсто од силите што ќе им бидат потребни за голем упад.

Москва продолжи да ги зајакнува своите сили околу Украина и објави дека шест воени бродови се упатуваат кон Црното Море од Средоземното Море како дел од претходно планираните глобални поморски маневри.

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников изјави дека Киев планира да одржи свои вежби со противтенковски ракети и турски борбени беспилотни летала испорачувани од Запад како одговор на руско-белоруските вежби.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сиљановска Давкова: Дваесет години маратон не се слави, ние не ја напишавме тажната приказна

Дејан Дејан

Сиљановска Давкова по средбата со Кошта: За нашиот предлог за уставни измени со одложено дејство вели дека е извонредно конципиран, но Бугарија не го прифаќа

Дејан Дејан

Зеленски: Рустем Умеров ќе ја предводи украинската делегација во преговорите со Русија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе