Скендер Реџепи ја прифати понудата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски да поднесат нова иницијатива на која Реџепи ќе ги избере останатите 19 пратеници со кои ќе ја потпише. Информацијата за Телма ја потврдија и пратеникот на Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ.
Најголемата опозициска партија потврди дека утре ќе поднесат нова иницијатива, што пак значи дека е многу веројатно расправата за доверба на влада во Собранието да се помести од четврток во сабота.
Сепак Реџепи во телефонски разговор ни рече дека за да нема пролонгирање, гласањето може да се одржи и во четврток, ако се земе предвид дека седницата мора да биде одржана најдоцна три дена по поднесувањето на иницијативата. Според него, ако новата иницијатива биде поднесена утре, четврток ќе биде првиот ден од новиот рок и ќе му понудат на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да не закажува нова седница, туку расправата да се одржи на веќе закажаниот термин в четврток.