Прашањето за бугарското државјанство Вие го демантирате? На ова прашање во интервјуто за ТВ 24, независната кандидатка за градоначалник на Скопје Данела Арсовска одговори.
-Да. Да. Точно така. Меѓутоа мора да ми верувате. Ако јас како човек секој еден ден, сите небулози и сите лаги и сите напади што ги имаше врз мене како човек, како професионалец, врз моето семејство се доведувам во прашање да ги дискутирам во оваа кампања, ги дискутирам во функција да се бранам, наместо да презентирам проекти. А од друга страна имате човек кој не реализираше ниту 5 % од она што го вети за период од 2017-2021. За што ќе зборува тој човек ако не реализирал ништо, освен што ќе ме напаѓа мене. Тоа кажува повеќе за нив, рече Арсовска која е подржана од најголемата опозициска партија.
На слично прашање претходно, Арсовска посочи дека во кампањата има многу небулози против неа, и дека ќе мора да ги докажува низ судски постапки. Уште еднаш повтори дека избрала да нема дуели со противкандидатот и актуелен градоначалник Петре Шилегов поради неговите навреди кон неа.
-Не да сум разочарана, јас не знам веќе за што зборуваме, не знам како не им е срам да излегуваат со овие небулози што ги вадат. Каде им се доказите дека сум била донатор на политичка партија, каде се информациите дека наводно сум била муслиманка? Кријат, замаглавуаат, ги вадат како полувистини. Каде се информациите дека некој нешто крадел, злоупотребил. Срамотно е ова да го прават на два дена пред кампања. Јас знам дека немам ниту една дамка, затоа и влегов во оваа борба. Се до сега што кажаа е лага. Многу ми е жал што ќе морам низ постапки да ги докажувам овие работи, одговори Арсовска во интервјуто на ТВ 24, на директното прашање за наводите на СДСМ дека во 2011-та има добиено бугарско државјанство.