Европската унија останува на зацртаната цел до крајот на годинава да почнат преговорите со Македонија, но без конкретен одговор што доколку тоа не се реализира.
Планот „што потоа“ според евроамбасадорот е тоа да се реализра што поскоро.
„Целта останува, целта е да се отворат преговори што поскоро, со надеж дека тоа ќе биде во декември и таа цел не се менува“, рече Гир.
Доколку во декември Македонија не ги почне преговорите со Унијата вицепремирот Никола Димитров, пак смета дека постои мал простор тоа да се случи на почетокот од идната година, иако рече дека тоа е веќе во рамки на шпекулирање.
„Во реалноста тој прозорец е крајот на оваа година и на самиот почеток на идната. Ако не се успее со словенечкото можеби има мал простор во следното француското. Но навлегуваме во тоа ’што ако’“, рече Димитров.
И Гир и Димитров своте видувања за тоа што по декември ги искажаа денеска по презенирањето на новиот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава кон ЕУ, при што беше повторено она што вчера беше соопштено од европската комисија дека земјава го исполнила свој дел од обврските, спроведување на реформите и усогласување на националното законодавство со европското.
Притоа од евроамбасадор Гир беше посочено дека без оглед на статусот кој го има земјава во процесот на пристапувањето, реформите што се правата се во интерес на граѓаните и треба да се продолжи по тоја пат.
Димитров се согласи со тоа, но потсети дека земјава уште од 2009 генерално добива позитивни извештаи од Комисијата.
„Очигледно е дека ЕУ и 26 земји-членки викаат Северна Македонија исполни се што побаравме од неа. Многу од нив викаат, дури и повеќе од тоа. Затоа ако пристапниот процес не е алатка каде Европската унија го исполнува ветеното, нема да биде толку квалитетна реформска алатка“, рече Димитров.
Освен од Европската комисија за подготвеноста на земјава да биде дел од Унијата потврда денеска стигна и од Секретаријатот за Ееропски преку споредбена анализа на подготвеност на Македонија со земјите од регионот кои веќе преговараат со Унијата, по 7-те кластерите според новата методологија за пристапување.
Според анализата Македонија има поголема подготвеност со средна оценка од 3,02 во областите и поглавјата од Кластерот 1 – темели во однос на Србија која има со средна оценка од 2,68 и од Црна Гора со средна оценка од 2,83.
Македонија е на исто рамниште со Србија и Црна Гора и по клатстерите 3 – конкурентен и инклузивен раст и 4 – зелена агенда и одржлива поврзливост, а подобра во средната оценка од Србија и Црна Гора има по кластерот 5 – ресурси, земјоделство и кохезија.
Тамара Грнчароска