„Владиното мнозинство е стабилно, нема потреба од предвремени парламентарни избори“. Ова е пораката која денеска ја упатија сите коалициони партнери во власта. И од БЕСА, за кои деновиве се шпекулира дека ќе излезат од владата ако СДСМ не го поддржи нивниот кандидат во Тетово, велат дека изборната трка нема да го загрози мнозинството. Билал Касами, кој во вториот круг ќе се бори против Теута Арифи од ДУИ, за вечерашната емисија на Топ тема рече дека очекува СДСМ да не заземаат страна во Тетово.
Но, по вториот круг Касами ќе бара од коалиционите партнери преиспитување на политиките на владата. За разлика од него, Бујар Османи од ДУИ очекува поддршка од СДСМ за Арифи во Тетово и ги повика гласачите на ДУИ во Скопје да гласаат за Петре Шилегов.
Преиспитување на политиките бараат и од ЛДП и ДОМ, кои, пак, оставаат нивните гласачи сами да си одлучат кому ќе го дадат својот глас во вториот круг, иако остануваат во владејачката коалиција.
Со соопштенија дека остануваат дел од каолицијата на власт, денеска се огласија и НСДП, Демократски сојуз, Социјалдемократска Унија, Странка на демократска акција на Македонија, ВМРО-Народна партија, партиите на Ромите и Власите, како и Демократската партија на Турците.
Далиборка Дамјанска Цветановска