Култура

Објавена книгата „Viola arsenica; белешки за поезија“ од Влада Урошевиќ

Издавачката куќа „Готен“, во соработка во Македонската академија на науките и уметностите ја објави книгата „Viola arsenica; белешки за поезија“ од Влада Урошевиќ.

Станува збор за книга во која авторот ги искажува своите сфаќања за поезијата и поетската уметност, а се состои од извадоци од негови есеи, разговори, интервјуа, говори, автобиографски текстови, поговори. Во книгата се опфатени записи од целиот творечки живот на Урошевиќ.

Првите текстови датираат од 1959 година, а некои од последните текстови се напишани непосредно пред излегувањето на книгата. Книгата на фрагментарен и концизен начин нуди преглед на согледувањата на тоа што за авторот претставува поезијата, нејзините преокупации, цели, суштински карактеристики, како и нејзината иднина во времето кое сè повеќе ја маргинализира.

Книгата содржи и кус ликовен есеј на авторот на тема „Наука и уметност“, а завршува со фото-есејот на фотографот Роберт Јанкуловски на тема „Авторот и моделот“.

Влада Урошевиќ е поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Роден е во 1934 година во Скопје. Работел како соработник и уредник на редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје, а во 1982 година почнува да работи на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје.

Влада Урошевиќ е член на МАНУ, на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Има објавено повеќе од 30 книги. Добитник е на бројни награди, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Григор Прличев“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Стале Попов“ итн.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Бруталистичка улица“ меѓу десет најдобри проекти на Венециското биенале за архитектура според „Артрибјун“

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе