Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) објави дека во земјата е потврден првиот случај на лице заразено од таканаречената африканска варијанта на Ковид-19.
Пациентот е хоспитализиран на Инфективната клиника при Клиничкиот и универзитетски центар на Косово, а ќе се испитуваат и неговите контакти за идентификување на евентуалните други случаи заразени од тој вид на коронавирусот.
– Таквите случаи на мутагениот вирус веќе се регистрирани во многу земји во светот. Истражувачките тимови на ИКШПК непрекинато ги испитуваат сите можни извори за спречување на натамошното ширење на случаите и можните импликации по здравјето на луѓето, се вели во соопштението на Интитутот.
Во Косово веќе неколку недели се забележува видно опаѓање на бројот на починати и на заболени од Ковид-19. Во последните десет дена, на пример, вкупно се регистрирани три смртни случаи како последица на заразата, а од по над две илјади тестови дневно резултираат по 10 до 15 новозаболени. Високи се и бројките на лица кои ја совладале болеста, што придонесе за опаѓањена бројот на активни носители на вирусот, така што, според последните податоци на косовските здравствени власти, во земјата во моментов има 1.074 заболени од Ковид-19.