Најважни Свет

Израел и Хамас договорија прекин на огнот

Повеќе израелски медиуми објавија пред малку дека безбедносниот кабинет на владата на Бенјамин Нетанјаху на попладневната седница го одобрил прекинот на нападите во Газа.

Во извештаите на израелските медиуми се наведува дека прекинот на огнот би стапил на сила во 1 часот по полноќ по средноевропско време.

Сепак ова се засега неофицијални информации и непотврдени од владата во Тел Авив.

Според претходните информации на седницата се разгледувал предлогот за унилатерален прекин на огнот во Газа, кој би стапил на сила во наредните 24 часа.

Унилатерален прекин на огнот е обврзувачки само за една од страните во конфликтот и е во согласност со стратегијата на Израел да не преговара со Хамас, кого го смета за терористичка организација.

Врз двете страни последните денови се интензивира и меѓународниот притисок од арапските земји, Европската Унија и Соединетите држави за прекинување на насилствата и враќање на мирот.

Во меѓувреме, во Обединетите нации се одржува итна седница на генералното собрание на светската организација посветена на израелско-палестинскиот конфликт, на која двете страни остро ги судрија ставовите и уште еднаш ја потврдија драматичната разлика во толкувањето на тоа што се случува во Газа.

“Израел сака примирје, но само откако сериозно ќе ја ослабне терористичката машина на Хамас. Ние бараме лек а не фластер. Но, сепак вие повторно го повикувате Израел да покаже воздржаност иако сме соочени со неселективни напади секој ден, секој ден. Дозволете ми да ви поставам прашање. Што би направиле ако тоа ви се случуваше вам?” – изјави постојаниот претставник на Израел во ОН, Гилад Ердан

“Израел ќе ве праша, што би направиле вие ако ракетите ги гаѓаат вашите градови? Но Израел заборава дека нивната окупација е причината за насилството. Затоа јас би ве прашал, што би направиле вие ако вашата територија е окупирана, ако вашиот народ е раселуван, ако вашиот народ се убива, апси, затвора и прогонува?” – реплицираше палестинскиот министер за надворешни работи.

На седницата се најавени говори на 100-тина дипломати, вклучувајќи и 12 министри од арапскиот свет. Генералниот секретар на ОН, Антониот Гутереш, потврди дека тој води интензивни дипломатски разговори во регионот, вклучувајќи ги претставниците на Египет, Јордан и Катар, со едноставна цел – запирање на борбите.

Борбите мора да запрат веднаш! Апелирам до двете страни итно да ги прекинат непријателствата и го повторувам мојот повик за итен прекин на огнот. Непријателствата кои предизвикаа сериозна штета на виталната цивилна инфраструктура во Газа, вклучувајќи ги патиштата и далекуводите, придонесуваат за хуманитарната криза” – изјави Гутереш.

По 11 дневните борби, смртоносниот биланс постојано се зголемува.

Досега биле убиени 232 луѓе во Газа, голем дел од нив жени и деца , додека во Израел има 13 жртви.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЕК виновна за нетранспарентност, пресуди Судот на правдата на ЕУ

Дејан Дејан

Министерството за здравство, сепак, останува во „Вреди“?!

Дејан Дејан

Врховен ја поништи зголемената пресуда за дрога на Васил Јованов – Апелација го осудила без да го викне

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе