Да беа пратениците – студенти, ќе паднеа на испитот пред Институтот за демократија. Со средна оценка од 5,5 ќе требаше да преполагаат, а за наредната сесија, односно парламентарни избори, подобро да се подготват за квалитетна собраниска дебата. Извештајот го опфаќа периодот 4 август – 31 декември, бележејќи пад во однос на истиот период 2019-та, кога оценката била преодна: 6.00. Причините делумно се во структурата, бидејќи 80 од 120 пратеници се нови, но и во непочитувањето на аргументите.
Пратениците не ги почитувале аргументите ниту на надворешните учесници: власта ги послушала 18 одсто, а опозицијата само 2 одсто. Институтот Социетас цивилис смета дека на пратениците им треба обука и ораторски вештини.
Времето за дебата е нерамномерно распределено: опозицијата говорела 61 одсто од вкупното време, а власта 39 одсто. По пратеници, најговорливи биле Бојан Стојановски со 278, Гордана Силјановска-Давкова со 256 и Панчо Минов со 213 минути. Институтот го набљудува квалитетот на дебатата во Собранието од 2014-та година. Најдобрата оценка била 6,3. Последнава недела, ова е трет извештај кој бележи пад на демократските вредности, по оној на Транспаренси интернешнл за индексот на корупција и на Економист, кој ја смести земјата во групата хибридни режими.
Соња Николовска