Од први до 21 април, по повеќегодишна пауза на вратите на граѓаните треба да тропнат попишувачи. Најмалку еден, а во места со мешана етничка структура и по двајца, бидејќи пописот ќе се спроведува на 7 јазици. Нема да има ливче, туку одговорите на најмногу шеесетина прашања ќе се внесуваат на лап топ и ќе одат директно во базата на Статистика. Прашалниците со лажни податоци, кои не се поклопуваат со регистрите на државните институции, автоматски ќе се одбиваат и ќе одат на дополнителна проверка. Статистика ја објави Методологијата за пописот. Велат тие се подготвени, попис мора да има оти така им налага законот.
Значи можеме се ова да провериме. Јас апелирам, а и потенцирам дека се ќе се проверува, никој да не се обидува да дава лажни податоци бидејќи се е проверливо и докажливо, вели Симовски.
Лицата кои се надвор од државата помалку од една година и имаат место на живеење тука ќе влезат во резиденти, а тие надвор од земјава над една година во нерезиденти. Тие ќе влезат во вкупната бројка на население. Ќе можат сами да се попишат од 1 март до 21 април на посебна апликација само за нив, која статистика тврди дека е безбедна. Доколку сами не се попишат тогаш во нивно име податоци за нив ќе дадат лицата кои ги познаваат.
Не може да се дадат некомплетни податоци за лицата. Во тој случај апликацијата не го прифаќа одговорт. И кога некое лице дава податоци за друго лице во сите случаи кога дава податоци за друго лице има можност и за лица кои што се отсутни ама во земјата не може да се даде одговор на оние прашања каде исклучиво бара лично изјаснување, тоа се прашањата за етничката припадност, религиозната припадност и јазикот, изјави Симовски.
Симовски, не сакаше да го коментира евентуалното одложување на пописот за кое се почесто деновиве говорат политичките партии. Вели пописот е законска обврска и за нив и за граѓаните.
Ние апелираме до сите граѓани да ја сфатат оваа операција многу сериозно. Ова е операција која што е во интерес на сите граѓани. Значи користењето на овие податоци е исклучиво е во креирање на политики во интерес на граѓаните. Ниту еден граѓанин не би требало, не е коректно, само може да изгуби ако не се одбива да се даваат податоци на пописот.Користење на овие податоци е во функција на граѓаните. Затоа и се носи закон со кој што се дава обврска да се учествува во пописот.
Во најмасовната статистичка операција покрај комисиите треба да учествуваат и над 5.500 реонски попишувачи.Протоколите за тоа како ќе се спроведува пописот, обуките и за тоа кој ќе ги попишува позитивните на Ковид и тие во самоизолација, ги очекуваат наредната недела, но зависно од состојбата во април можно е да има и нови протоколи.
Но сепак дали ќе има попис во април, не одлучуваат статистичарие. Можност за негово одложување најави премиерот Заев, откако претседателот Пендаровски побара одложување за 2-3 месеци и закомпромис меѓу власта и опозицијата. ВМРО ДПМНЕ пак бара одложување за една година или спроведување на електронски попис. А ја започнаа и правната процедура за собирање на потписи, со кои ќе се обидат да го поништат Законот за попис.
Александра Филиповска