Вести Македонија Најважни

Протестен марш за неодложно и темелно расчистување на „Јавна Соба“

Неодложно и темелно расчистување на случајот со Јавна Соба, соодветни казни за администраторите, но и инкриминирање на сексуалното вознемирување преку интернет во Кривичниот законик се дел од барањата кои ќе бидат соопштени на протестниот марш што ќе започне денеска напладне пред Министерството за внатрешни работи, а ќе заврши пред Јавното обвинителство.

Мотото на маршот е „Јавна соба е кривично дело!“, а е организиран од Платформата за родова еднаквост.

Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини посочи дека маршот ќе започне и заврши пред овие локации заради тоа што токму овие две институции се клучни во заштитата од насилство генерално, но и во случајот „Јавна соба“. Според неа, идејата зад мотото „Јавна соба е кривично дело!“ е да се именува со вистински зборови она што се случува во таа група, но и да се фокусира дискурсот околу Јавна соба кон кривични дела и потенцијалните стротители на истите, наместо кон жртвите или оштетените.

Организаторите на маршот бараат од Јавното обвинителство темелно да го расчисти случајот „Јавна Соба“, но и соодветно да ги казни администраторите.

-Бараме неодложно и темелно да се расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции, посочува Цветковиќ.

Таа додава оти се надеваат на поддршка, но како што појаснува, имаат и разбирање дека не секој може да присуствува.

-Она што е најважно е дека најголем дел од јавноста го поддржува протестот, бара одговорност од институциите и очекува санкции за сторителите, додава Цветковиќ.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера изјави дека „Јавна соба” е профил отворен на платформата Телеграм, со седиште во странска држава, и затоа како што рече, немаат законска можност да наредат, укинат, забранат негово функционирање, ниту пак да наредат за гонење на сторителите да им ги дадат доказите.

Според Јовески, потребни се измени и дополнување на Кривичниот законик, но и развивање на соработката со надлежните странски органи.

Групата „Јавна соба“ во која над 6500 членови споделуваа фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки, кон крајот на минатата недела беше избришана на социјалната мрежа Телеграм. Во меѓувреме, продолжува истрагата за креаторите на групата, а веќе се приведени четири лица, од кои две од Битола, едно од Велес и едно од Штип. Надлежните апелираат на внимателност бидејќи на Телеграм има и друга слична група за која исто така се постапува.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Заврши ли „љубовта“ меѓу Маск и Трамп?

Дејан Дејан

Опаѓа бројот на нарачки во македонските конфекции

Дејан Дејан

Има преговори за измени на Изборен законик и една изборна единица

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе