Вести Македонија Најважни

Изгласан Законот за попис на населението

Собранието со 62 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“ го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Македонија во 2021. За пописот гласаа и 29 пратеници припадници на етничките заедници.

За Законот гласаа пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ и Беса, и опозициската Алијанса на Албанците и Алтернатива. Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во гласањето.

Пред гласањето во повеќе процедурални забелешки опозицијата ги искажаа своите забелешки за законот и причините за недовербата во процесот. По барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час.

Податоците добиени од пописот ќе се користат за креирање на развојни политики, макроекономски планирања, научни и други истражувања и статистички цели. Индивидуалните податоци од Пописот може да се користат за воспоставување, водење и ажурирање на статистичките регистри кои се во надлежност на Државниот завод за статистика, согласно закон.

Личните податоци добиени со Пописот подлежат на заштита согласно одредбите од овој закон, Законот за државната статистика и прописите од областа на заштита на личните податоци.

Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април 2021 година, според состојбата на 31 март 2021 година, во 24:00 часот, што ќе се смета за критичен момент на пописот.

Пописот ќе се спроведе со употреба на  пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се реализира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Таравари денеска ќе поднесе оставка од Министерството за здравство

Дејан Дејан

Истанбул во фокусот на нов мировен обид за Украина

Дејан Дејан

Путин нема да биде дел од мировните преговори во Истанбул

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе