Во периодот од 11 до 17 јануари за присуство на корона вирусот се тестирани 14111 материјали во лабораториите кои вршат молекуларно и антигенско тестирање. Тоа е за 8, 4 % повеќе во однос на минатата недела, стои во најновиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје. Бројот на новорегистрирани позитивни пациенти е 2397 во сите 34 градови во државата, што е намалување за 3% во однос на минатата недела. Најголем број регистрирани случаи има во Скопје- вкупно 1089 или 45, 4%, со неделна зачестеност или инциденца од 176, 3 на 100 илјади жители. Највисока неделна инциденца од 238,5 е регистрирана во Ресен, се вели во извештајот.
Процентот на позитивни од тестирани, се движи од 11 до 19%. Просечно 16%, што претставува намалување од 3% споредено со минатата недела, стои во извештајот.
Заболени со Ковид -19 има од сите возрасни групи. Најмногу се на возраст над 60 години- вкупно 631 или 26, 3%. Голем број заболени има и во групата од 40 до 49 години- вкупно 446. На возраст од 30 до 39 години се заболени 442 пациенти, од 50 до 59 години се вкупно 403, а од 20 до 29 години се заболени 352 лица. Најмал број инфицирани со корона вирус е регистриран кај децата до 9 години- вкупно 31, а во групата од 10 до 19 години – 112 заболени .
Од 11 до 17 јануари се пријавени 79 починати од Ковид- 19, од 23 градови во Македонија , што е зголемување од 6, 8 % во однос на минатата недела. Најголем број од починатите се на возраст над 60 години-вкупно 62 лица, од 50 до 59 години починале 13 лица, од 40 до 49 годишна возраст -3 лица, а 1 лица починало во возрасната група од 30 до 39 години. Зголемен е бројот и на оздравени, се наведува во извештајот на ИЈЗ.
По добиените 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5785 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување. Тоа е за 29, 7% повеќе споредено со минатата недела.
Од Министерството за здравство велат дека првите вакцини против Ковид -19 се очекува да пристигнат од Србија во Македонија во текот на овој месец и веднаш ќе започне имунизацијата на предвидените приоритетни групи. Договорени се 8 илјади дози вакцини од прозиводителот Фајзер, додаваат од ресорот Здравство. Министерот Филипче ќе биде првиот функционер што ќе биде вакциниран, како и членовите на Комисијата за заразни болести, рече премиерот Заев. Тој потврди дека ќе се вакцинира , но потенцира дека нема да им го земе редот на приоритетните групи здравствени работници и граѓани.
Сотир Трајков