Инфектологот Вело Марковски, и уште седум лица заработија обвинение за незаконски археолошки истражувања и шверц на артефакти за стекнување на личен профит. Марковски кој од неодамна стана член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ,дел од артефактите ги чувал во својот стан додека не се најде купувач, по што обвинетите ги шверцувале.. Истрагата која траела повеќе месеци ја водело Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое денеска поднесе обвинени до Кривичен за осуммината.
„Лицата се обвинети дека во текот на 2017 и 2018 година поединечно или заедно, без дозвола од надлежни органи, вршеле недозволени археолошки истражувања и ископувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на РС Македонија, пронајдените добра неовластено ги присвојувале и прикривале, а потоа добрата неовластено ги продавале на купувачи во земјава и во странство“. – објави ОЈО за организиран криминал.
Мозокот на групата биле тројца од обвинетите. Подоцна се вклучил Марковски и другите четири лица. Дел од артефактите завршувале во неговиот дом, додека нес е најде купувач.
„Тие меѓусебно разменувале сознанија за позиционираноста на овие локалитети и по нивно пронаоѓање, со неовластена употреба на метал – детектори и сонди, вршеле недозволени пребарувања. Со употреба на погодни алати, недозволено ги ископувале археолошките локалитети и локалитетите што содржат природни реткости, а пронајдените добра под привремена заштита, културни наследства и природни реткости со непроценлива вредност, сопственост на РС Македонија неовластено ги присвојувале “, велат од Обвинителството.
Според обвинението, сите обвинети, тројца како организатори и петмина како припадници на групата сториле кривично дело „Злосторничко здружување“. А во зависност која била нивна улога во групата и какви дејствијата сториле, се товарат и со пет други кривични дела.
Инаку МВР го приведе Марковски уште во октомври 2018 година за истото дело. Тогаш беше соопштено дека е сузбиена криминална група, а 14- мина заработија крививични пријави.
„Криминалистичката истрага се спроведуваше една година, а вчера се извршени претреси на вкупно 16 локации, при што од слобода се лишени 13 лица и од нив привремено се одземени голем број на артефакти: монети, полускапоцени и скапоцени камења, стар накит, скулптури, керамички и бронзени предмети, метални шипки, мапи, метал детектори, скици, тефтери, нотеси, мобилни телефони, рамка за пиштол и куршуми и сл.“- рече тогаш Ангеловски.
Тогаш судот му одреди мерка притвор на Вело Марковски. Ја издржуваше неколку месеци по што излезе на слобода со гаранции.
Александра Филиповска