Во околу 15 % од домаќинствата има најмалку едно лице кое што има потреба од нега. Жените го носат најголемиот товар бидејќи во 73 % тие се примарни даватели на нега, и покрај фактот дека во анкетираните домаќинства живеат приближно ист број мажи и жени, говорат податоците од истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.
Во просек домаќинствата трошат 4 350 денари месечно за лекови, пелени, завои, гази, медицински материјали и слично, додека за здравствени услуги за лицето кое има потреба од нега трошокот е 2 900 денари месечно. На тој начин 63 % ги трошат заштедите за да се обезбеди нега во домашни услови.
Бараме да се зголеми паричниот надомест за нега од трето лице во износ на минималната плата . На овој начин семејствата имаат доволно средства да ангажираат негователка од страна и да ја платат. Бидејќи со 4400 денари како што кажав не е можно да се плати негователка од страна за да се грижи за болното лице. Меѓутоа доколку член од семејството жена или маж е невработен и се одлучи да се грижи за болното лице односно не сака да ангажира негователка исто така да им се обезбеди овој износ од минималната плата, меѓутоа плус на тоа државата да ги плати и нивните придонеси бидејќи тие се невработени лица, а секако извршуваат работа за нега, вели Борјан Павловски, Координатор на програма од ЕСЕ.
Во препораките до надлежните институции здружениото испарати сет на мерки, меѓу нив се посебна служба за домашна посета, дневни центри за лицата со ментална и физичка попреченост, соодветен регистар за истите. Според Павловски неплатената работа за нега во домашни услови има големо значење бидеќи таа ги надоместува недоволните капацитети на државата за нега на стари, сериозно болни и лица со попреченост.
Всушност тоа е вредност која претставува заштеда за државата, бидејќи луѓето ја вршат во домаќинствата без да бидат платени за тоа, вели Павловски .
Нина Стефанова