Наместо 6 месеци како што вели законот, в.д. директорите остануваат да ги водат државните институции без понуден план за работа со години и со огромен ризик од политичко влијание, покажала анализата на ДКСК откако владата и неколку министерства поставија вршители на должност во Фондот за здравство, во инспекциски служби и во јавни претпријатија.
Претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска вели дека исклучокот станал правило. Законот не се почитува бидејќи во предвидените 15 дена не се распишува конкурс за редовен директор. Праксата мора да се менува и да се почитуваат законите, порачува ДКСК.
-Сведоци сме дека едно лице по шест-седум пати се поставува за ВД директор и не се почитуваат материјалните закони. Комисијата порачува и препорачува сите институции да си ги спроведуваат материјалните закони, а Собранието на Република Северна Македонија да го донесе законот за висока раководна служба, изјави Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.
Антикорупциска се уште ги чека податоците од централниот регистар за имотот од половина милион евра на Атанаско Тунески, член на регулаторната комисија за енергетика кој не смее да биде регулатор затоа што има акции во енергетска компанија.
Грешката е направена при неговиот избор во собраниската комисија за избори и именувања, вели Ивановска.
-Во законот за енергетика јасно стои дека не смее член на Регулаторна комисија да има акции во енергетска компанија и тоа требало да се увиди во надлежната комисија која го назначувала. Г-динот Тунески тогаш требало или да ги продаде или да ги подари акциите како што сега најавува, но тој е доведен во ваква состојба, рече Ивановска.
Тунески пак во емисијата КОД тврдеше дека ќе ги подари акциите и прашуваше кому, а потоа и се закани дека енергетската компанија што го пријавува во ДКСК ќе го запомни. И со таков став тој успеал да го помине филтерот и да стане регулатор.
Миомир Серафиновиќ