Мотоциклистот на КТМ Тех3, Мигел Оливеира триумфираше на јубилената 90-та трката Мото ГП шампионатот што денеска се возеше за Големата награда на Штаерска во Австрија. Тој стана првиот Португалец кој славел на една трка во најсилната класа и воедно му ја донесе првата победа во историјата на својот тим КТМ Тех3.
До триумфот стигна буквално во последниот свиок и ја искористи борбата на Џек Милер на Прамак Дукати и возачот на КТМ, Пол Еспаргаро. Милер го натера Еспаргаро да излета малку од патеката, а тоа од позадина го искористи Оливеира за да ја оствари историската победа. Милер и Еспаргаро мораа да се задоволат со второто, односно третото место.
Жоан Мир заврши четврти, а по него следуваа Андреа Довициозо, Алекс Ринс, Такаки Накагами и Бред Бајндер.
Трката ја одбележа и излетувањето на Маверик Вињалес, кој за среќа остана неповреден. Откажаа кочниците на неговата Јамаха, па мораше да скокне од мотоциклот при брзина од 200 километри на час за да се спаси. Мотоциклот удри во заштитната ограда и се запали.
Фабио Квартараро останува лидер во генералниот пласман со 70 бодови по пет извозени трки и покрај тоа што денеска заврши како 13-ти. Андреа Довициозо е втор со три бодови помалку, додека трет е Џек Милер со 56 бодови.
Следната трка во Мото ГП шампионатот е на 13 септември кога се вози за Големата награда на Сан Марино на патеката „Марко Симончели“ во Мизано.