Контролниот натпревар меѓу крикет тимовите на Сари и Мидлесекс што се одржа во Лондон е првиот спортски настан на кој присуствуваа гледачи од почетокот на епидемијата со Ковид 19 во Велика Британија.
Точно илјада гледачи влегоа на трибините и тие претежно беа дел од семејствата на играчите и членови на клубот кои мораа да ги почитуваат строгите мерки за безбедност што ги пропиша британската влада.
Отворањето на трибините е дел од пилот проектот со кој постепено гледачите ќе ги следат спортските настани на Островот, а дел од овој проект ќе биде и Светскиот шампионат во снукер кој следната недела ќе се одржи во Шефилд, последни во низата се коњичките трки во Гудвуд кои се на програмата кон крајот на август.
Според најавите дозвола за влез на гледачите на спортските натпревари во Велика Британија би требало да се даде на почетокот од октомври.