Вести Македонија Најважни

Грција одбива да ја употреби кратенката “МКД”

Грција одбива да ја потпише Програмата за воена соработка со Македонија за 2020 под кратенката за земјава „МКД“. Според доверливите документи кои ги објавија грчките медиуми Генералштабот на грчката армија не сака да ја потпише Програмата со ознаката утврдена со Преспанскиот договор, туку инсистира евентуално тоа да биде направено под полните имиња на двете држави со цел да се избегнат кратенките за зeмјите.

Она што паѓа во очи од факсимилите е дека грчката армија оваа година одбива да ја потпише Програмата под „МКД“, бидејќи македонската страна, минатата година ја потпишала под „РНМ“.

„Во Акцискиот план за 2019 со Северна Македонија, потпишан во рамки на Програмата за воена соработка 2019, како и сите други релевантни активности, ознаката ’РНМ’ (Република Северна Македонија) беше користена со согласност од другата земја“, се наведува во документот од Генералштабот на грчката армија.

Од Министерството за одбрана за Телма потврдуваат дека Планот за билатерална соработка за 2020 се уште не потпишан, со очекување тоа наскоро да се случи.
Во контекст на ознаките за земјава, наведуваат дека се почитува Преспанскиот договор.

„Во контекст на информациите во одредени грчки медиуми поврзани со користењето на официјалната кратенка за нашата земја, укажуваме дека Република Северна Македонија доследно ја почитува Конечната спогодба потпишана од двете земји“, се наведува во одговорот од Министерство за одбрана на Македонија.

Од Министерството наведуваат дека станува збор за План за за соработка во одбраната за 2020, во кој Министерството за одбрана побарало да се користи кратенката „МКД“.

„Посочуваме дека и во иднина со исклучително внимание ќе се грижиме конечната Спогодба да биде доследно и во целост почитувана од двете страни“, наведуваат од министерството за одбрана на Македонија.

Грчките медиуми веста за инсистирањето на „МКД“ од македонска страна го толкуваат како прекршување токму Преспанскиот договор и обид на земјава на мала врата да го вметне користењето на името „Македонија“ во односите со Грција.

Како поддршка на својата теза грчките медиуми објавуваат и дописот на грчкиот амбасадор во земјаваа Димитрис Јанакакис до Атина дека промената на ставот на властите во Скопје околу кратенката е поради предвремените парламентарни избори и оти во пресрет на 15 јули кратенката „РНМ“ не им била прифатлива.

Инаку со дописот Јанакакис го информирал грчкото Министерството за надворешни дека Европјаните не ги споделуваат аргумените на Грција за потребата за дополнително уредување на ознаката „РНМ“ и оти нивниот став е дека ознаките за земјата се предвидени во Договорот од Преспа.

Телма побара став и од НАТО под која ознака се води земјава во НАТО и дали нејзина земја-членка може да бара земјава да користи кратенка која не е предвидена со Договорот од Преспа, на што од НАТО кратко ни одговорија дека „земјата станала членка на НАТО под името Република Северна Македонија, име кое е наведено во Пристапниот протокол потпишан во 2019 година“.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Како се случи 10.000 регистрирани членови да не го остварат правото на глас? – Деспотовски бара одговори од ЦИК за изборите во СДСМ

Дејан Дејан

Филипче: Нема да делам, туку ќе обединувам, сигурен сум дека СДСМ повторно ќе победува

Дејан Дејан

Венко Филипче, нов лидер на СДСМ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе