Откако се изјасни дека Флорин Бесими има судир на интерес како пратеник да гласа за својот брат Фатмир Бесими да стане министер во идната влада, Антикорупциска денеска укажа дека на релација пратеник – министер постојат и други недоречености во законите, за што на Сабранието ќе му предложи да направи законски измени. За антикорупционерите законската недореченост остава можноста пратеници сами за себе да гласаат за да станат министри, што е дикутабилно, како и тоа дека пратеници истовремено се и министри.
„Како пратеници се истовремено и министри? Нели, по еден закон, по Изборниот Законик им е забрането да се министри, а од друга страна во Уставот има член дека се до изборот на нова влада функционира старата влада, бидејќи е распуштено собранието. Значи таа мора да си ја заврши својата работа до формирање на нова влада“, вели Билјана Ивановска, претседател на ДКСК
Според Ивановска постојат повеќе начини како тоа законски да се уреди, за што сепак вели дека крајниот збор ќе го имаат законодавците како ќе го расчистат ова прашање.
„За да се испочитува нашиот закон дека е неспојлива функцијата и да се испочитува Изборниот законик, произлегува дека не треба да бидат носители на листа или да бидат дел од листите за пратеници. Така произлегува, за да не доаѓа до кршење. Ако тие можат да бидат дела од пратеничката листа, тогаш треба да се изрегулира, во кој момент ќе престане мандатот на министерот. Меѓутоа ова се се прашања што треба да отворат една поширока дебата, поширока дискусија во парламентот и да се расчистат и да се разјаснат“, е ставот на Ивановска.
Освен двојните функциите, од Антикорупциска инфромираа дека работат и на прашањето дали двојните функционери земаат и две плати, што не би смеело.
„Добив дека не земаат две плати, меѓутоа не сум уверена во тоа, бидејќи ги немам написмено добиено. Но ќе ги обезбедиме и тие информации“, додаде Ивановска.
Во моментов неколку министри од актуелната влада се пратеници, како премиерот Оливер Спасовски, шефот на дипломатијата, Никола Димитров, министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, вицепремиерската за економски прашања, Мила Царовска, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерите за образование, Арбр Адеми и за животна средина, Насер Нуредини. Нивните имиња само ја продолжија низата од имиња на министри кои низ годините беа кандидирани, па избрани за пратеници и продолжија да ја вршат министерската функција, пракса која поради неусогласеност на законите трае од осамостојувањето на државата до денес.
Тамара Грнчароска