„Не сме виновни, наводите во кривичната пријава од Државното правобранителство против нас, а објавени во КОД се невистинити“, ова е заедничка реакција на поранешните обвинители во СЈО Артан Ајро и Гаврил Бубевски кои го работеа предметот „Труст“. Судењето заврши пред 3 и пол години, беше пресудена и конфискација на имот од 17,2 милиони евра, но досега не е наплатен ни денар.
Ајро и Бубевски тврдат дека во тој предмет ги презеле сите мерки и активности, бил откриен, замрзнат и конфискуван имотот во кривичната постапка.
Постапката за заштита на имотните интереси на државата надвор од кривичниот прогон е во надлежност на Државното правобранителство, реагираат двајцата обвинители по емисијата „КОД“.
Од друга страна пак, правобранителството им поднесе кривична пријава на двајцата обвинители, на истражителот и актуелен директор на финансиска полиција Арафат Муареми, и на Сеад Кочан, затоа што смета дека направиле кривично дело откако на судењето не побарале бришење на хипотеки и долгови од конфискуваниот имот и дека дозволиле дел од имотот, Кочан да го префрли и наместо да биде замрзнат да го употреби за гаранција за да не му биде определен притвор.
Цела реакција на обвинителите Ајро и Бубевски.
Како јавни обвинители, Ајро и Бубевски се уверени дека со проверка на пријавата ќе биде утврдено дека во предметот против Кочан постапувале законски и презеле сѐ за време на процесот кој резултирал со конфискација. Сметаат дека кривичната пријава е напад врз нив, а мотивите ќе се откријат набргу.
Уверени сме дека со целосно расчистување на овој случај, јавноста ќе добие увид во вистинските причини и мотиви за нападот врз нас како јавни обвинители кои постапуваа по предметот. Посочуваме дека институциите треба да соработуваат и да работат во интерес на граѓаните и на државата, а не со неосновани напади да го затскриваат сопственото непостапување, велат обвинителите.
За ова, обвинителите тврдат дека правобранителот е тој што не постапува во заштита на конфискуваниот имот, кој е веќе на државата. Тоа правобранителот не го направил, тврдат Ајро и Бубевски. Го обвинуваат за иста грешка-непостапување и во стечајната постапка за „Трансмет“ која е отворена во септември 2019-та, откако пресудата (првостепена во јули 2018.) веќе станала и правосилна (март 2019.) и извршна (јули 2019.). Тврдат дека и стечајниот управник му укажал на правобранителот да преземе мерки, а тој не го заштитил државниот имот.
Но во својата реакција обвинителите наведуваат дека стечајот е отворен порано, иако во сите судски документи стои датумот 04.09.2019.
Укажуваме дека во стечајната постапка поведена меѓу првостепената и второстепената пресуда во предметот, согласно член 89 од Законот за стечај, „секој доверител може да оспори побарување на друг доверител доколку поднесе посебен приговор“, согласно условите наведени во законот. Во конкретната стечајна постапка доверител е државата, а нејзин застапник за имотните интереси е Државното правобранителство, тврдат Ајро и Бубевски.
Имотот што е предмет на конфискација постои и неговото впаричување не е оневозможено, тврдат обвинителите, иако во имотни листови на катастарот има многу недвижности од конфискацијата на „Трансмет“ за кои се додадени нови сопственици преку залог и хипотеки.
Војна во државните редови за неуспешната конфискација на Трансмет: Реакција на Државното правобранителство за ставовите на Ајро и Бубевски.
За објавите во вчерашното издание на КОД, Ајро и Бубевски изразуваат разочарување за одлуката на уредувачкиот тим на емисијата еднострано да го презентира комплексниот предмет поврзан со конфискацијата во „Труст“, без да имаат можност да ги кажат своите аргументи. Тврдат и дека по кривичната пријава на правобранителството сѐ уште не бил формиран предмет.
Инаку во последните 4 изданија на КОД (линк од последната емисија), беа објавени повеќе истражувања, прилози и интервјуа за ненаплатените средства од конфискацијата на „Транмсет“, меѓу кои и повеќе ставови и одговори на обвинителството.
Миомир Серафиновиќ