Има француска иницијатива за решавање на проблемот со Бугарија, потврди вицепремиерот Артан Груби, кој очекува формално, преговорите да почнат во почетокот на идната година, кога би се одржала првата меѓувладина конференција.
-Да, има вистина дека има француска иницијатива, за да седнат на маса, за да се надминат сите разлики на начин што наредните месеци на 2022 година, на пролет, да се одржи првата меѓувладина конференција. Ние ги поднесовме одговорите кон сите прашања што ги има поднесено Бугарија во најконструктивна можна форма и чекаме новите власти, претседателот Радев, новата Влада, да му пристапат на дијалогот околу овие прашања на конструктивен начин. Да постигнеме зделка која ќе ни ја отвори вратата кон ЕУ, изјави Груби.
Франција од први јануари го презема претседавањето со Унијата, а на европскиот самит во октомври пред две години, стави вето за почеток на преговорите за Македонија и Албанија со барање да се промени методологијата на преговори.
Сега, нема информации што точно содржи француската иницијатива за решавање на македонско-бугарскиот спор, но и идната влада во Софија, инсистира прво на разговор, а потоа на тргање на ветото за Македонија.
Со оваа позиција се согласуваат и мнозинството бугарски граѓани.
Над 70% од Бугарите сметаат дека приоритет е решавање на односите меѓу Скопје и Софија, а не патот на МАкедонија кон Европската унија. Ова го покажува анкетата на Галуп интернешнл. Само 7,5 % од анкетираните Бугари сметаат дека приоритет треба да биде евро-интеграцијата на Македонија. Најцврста позиција имаат матурантите, граѓаните над 45 години и жителите на Софија. Во главниот град, каде се концентрирани групи со повисоки примања и повисоко образование, приоритет на интеграцијата на Македонија во ЕУ даваат само 2% од анкетираните, за разлика од 80% кои сметаат дека прво треба да се реши проблемот со Македонија, а потоа земјата да стане членка на Унијата.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предупредува во разговорите со Бугарија да се почитува Декларацијата на македонското собрание.
Интересно е тоа што постои едногласност кај избирачкото тело по прашањето за Македонија. Повеќе од 80% од приврзаниците на Продолжуваме со промената и ГЕРБ сметаат дека приоритет треба да се даде на решавање на односите, а потоа доаѓа патот на Македонија кон ЕУ.
Анкетата на Галуп интернешнл е спроведена лице в лице со таблети, на 803 испитаници, во периодот од 25 ноември до 3 декември.
Марија Дивитарова