Лица и експерти од управни и надзорни одбори во енергетски компании директно и без пауза од оваа позиција ќе можат да станат членови на Регулаторната комисија за енергетика. Ова се овозможи со прифаќање на еден од амандманите за новиот Закон за енергетика кој вчера беше донесен во собранието. Дел од познавачите не се согласуваат со оваа измена и сметаат дека со ова може да се отвори простор лица од приватни компании кои имаат свои интереси да влијаат на носењето одлуки за планови, издавање лиценци, дозволи кои ги работи регулаторот.
- Навистина го ослабнува Законот за енергетика и создава една можност да луѓе кои имаат директен интерес во енергетскиот сектор да учествуваат во регулаторно тело и е навистина невообичаено. Законот за спречување на Корупција од друга страна пак регулира обратно оние кои го регулирале пазарот исто така треба да почекаат две години пред да можат да се вработуваат во компании кои што ги регулирале и за кои што носеле одлуки, вели за Телма Миша Поповиќ од Институт за демократија.
Од друга страна пак пратеникот Бојан Стојаноски кој всушност го достави овој амандман, уверува дека со ова нема да има простор за манипулации, туку напротив сега ќе можат да се бираат поквалитетни кадри, кои би биле дел од регулаторното тело и дека ова се содржи и во директивите на ЕУ и други земји.
Претходно членувањето во регулаторна беше ограничено, односно најмалку две години пред да бидат назначени како членови на Регулаторна комисија, лицето не смееше да биде дел од управен или надзорен одбор. Регулаторната комисија за енергетика, освен претседател има уште шест члена.
Според, министерката за енергетика Божиновска пак, главни придобивки од законот ќе бидат конкурентен пазар на струја, воведување на паметни броила за попрецизно мерење на потрошувачката, воведување на граѓански енергетски заедници, поголем избор за снабдување на стопанството и системи за складирање на струја.
На новиот Закон за енергетика се работеше околу две години.
Ирена Чачкова