Антикорупционерите истражуваат дали има судир на интереси кај инспекторите кои не зеле мостри по инцидентот во рудникот Тораница, а претходно биле поврзани со работењето на рудникот.
„Во Државната комисија за спречување на корупцијата е оформен предмет врз основа на пријава за потенцијален судир на интереси при постапување на инспектори од Државен инспекторат за животна средина, поврзано со рудникот Тораница“ соопштуваат од ДКСК.
Постапувањето е во тек, а по утврдување на фактичката состојба ќе биде донесена одлука на јавна седница која ќе биде објавена на ВЕБ страницата на ДКСК.
Предметот е оформен на барање на директорката на Државниот инспекторат за животна средина која кажа, какви ќе бидат наодите од антикорупционерите така ќе постапува. Претходно еко- здруженијата по објавата дека инспекторите биле на терен но не направиле анализа на водата, прашуваа дали судирот на интереси е причина за нивното непостапување. Деновиве група еко активисти протестираа пред министерството за животна средина и побараа да престане молкот на надлежните и јавноста конечно да дознае колкаво е загадувањето на Крива река и кои се последиците по здравјето на луѓето. Од иницијативата о2 пак побараа да и се одземе А интегрираната дозвола на рудникот Тораница и кривично да одговара. Кривична или друга одговорност бараат да има и за инспекторите. Освен антикорупционерите случајот со рудникот Тораница го истражува и јавното обвинителство.
На 14-ти март пукна цевка во Тораница од која како што тврдеа од фирмата концесионер истекла техничка вода која не е опасна. Градоначалникот Сашко Митовски обвини дека Крива река е загадена со цијанид и олово, токму од рудникот.
Симона Петровска