Ревитализацијата на Скопското Кале, што се одвиваше од 2007 до 2017 година, а потоа беше запрена, ќе продолжи наскоро. Формирана е комисија што треба да ја утврди актуелната состојба во која се наоѓа запуштената тврдина, по потекнува од 6 век, а потоа ќе се пристапи на довршување на првата фаза. Се очекува таа да заврши во март, следната година. Ова денеска го кажа професорот Драги Митревски, на одржаната платформа во владата, на тема „Мерки и политики за развој на образованието, културата и туризмот и спортот“. Според Митревски, завршени се скоро 90% од активностите од првата фаза за обнова на Скопското Кале, а со нејзино финализирање, тврдината ќе биде достапна за туристите.
„Со реализација на првата фаза, која што всушност треба да го врати Калето во онаа состојба, во која што беше во 2017 година, уште со реализација на таа фаза, Калето ќе биде спремно за туристичка експлоатација и ќе може да се стави во таа функција“, рече Драги Митревски, раководител на Работната група за ревитализација на Скопското Кале.
За комплетна ревитализација на оваа културно-историска знаменитост ќе бидат потребни уште две до три фази. Според Митревски, Калето заедно со Аквадуктот, римскиот град Скупи и црквата Свети Пантелејмон, го прават Скопје град со вредности , кои се во врвот на европската култура. А, министерот за култура и туризам, Љутков, најави преземање на секторот Туризам од министерството за економија во следниве 20 дена, колку што им дозволува законскиот рок. Потоа ќе се пристапи кон изготвување програма за работа, за идната година. Приоритет ќе биде развојот на културниот туризам во летниот период, кажа министерот.
„Во фокусот ќе биде развивањето на културниот туризам, бидејќи статистички, во текот на годините наназад, најголем економски бенефит државата има токму од културниот туризам и од посетата на историските споменици и археолошки локалитети“, кажа Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
Покрај културниот, ќе се развива и туризам за патниците кои транзитираат низ Македонија. Тој ќе ги опфати археолошките локалитети, природните убавини, планинскиот и винскиот туризам и хотелиерството, дополни министерот.
Ресорот Туризам се сели од Економија во Култура, согласно измените на Законот за организација на органите на државната управа.
Сотир Трајков