Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека доколку се биде како што треба, во втората половина на јули ќе има ребаланс на државниот Буџет.
„Ако биде се како што треба, во втората половина на јули ќе има ребаланс во Парламентот и во првата половина на август ќе биде повикот до општините да алицираат со проектите. Според тоа што го разговарав со министерката за финансии, голема е можоста шест милијарди денари да бидат распределени кон општините за проекти кои се подготвени. Утре имаме состанок и ќе работиме на оваа проблематика“, најави Мицкоски во првото интервју по изборот на новата Влада дадено за ТВ 24.
Тој ја најави и инвестицијата за ветерниот парк, која официјално ќе биде објавена утре, и ќе донесе 100 милиони евра поголем приход во бруто домашниот производ. Премиерот појасни дека се работи за проект во делот на енергетиката, со кој ќе се произведува електрична енергија од македонскиот ветар.
„Утре промовираме значаен проект во делот на енергетиката, меѓу 400 и 450 милиони евра. Ја користам овааа прилика да дадам важна информација со тоа производство на електрична енергија од македонскиот ветар, ќе добиеме енергетски баланс, односно онолку колку што произведуваме толку и да трошиме, без да имаме специјални закони во моментов. Станува збор за инвестиција од 400 до 450 милиони евра и дополнителни 100 милиони евра во бруто-домашен производ“, рече Мицкоски.
Додаде дека во структурата на тој инвестициски фонд се Европската банка за обнова развој, Европската инвестициска банка, Меѓународната финансиска корпорација, како и структурни фондови од Германија и САД.
Проектот за развој на парк на ветерници во земјава е инвестиција на Алказар Енерџи вредна над 500 милиони долари. Ветерниот парк ќе биде изграден меѓу трите општини, Карбинци, Штип и Радовиш.