Горат нивите во кочанско, штипско и Овче Поле. Земјоделците трпат големи штети, бидејќи водата за наводнување од стариот систем, но и кражбите кои се забележани на терен не може да пристигне до нивите за селата во штипскиот и светниколскиот регион. Земјоделците од штипското село Врсаково кои со денови немаат вода за наводнување велат дека штетите се големи на пченката, бостанот и детелината, кои интензивно се сушат.
Земјоделците од штипското село Врсаково самите го имаат санирано дефектот на системот за наводнување, за да им пристигне водата во нивите. Забележуваат дека овој каналот за наводнување е проектиран за 9 кубни метра вода во секунда, од кои 6 кубни метри се за културите во Овче Поле, но во моментот имам само 10-тина сантиметри вода во секунда. Обвинуваат дека целата вода се троши во кочанско за наводнување на оризовите полиња, а и тие си ги плаќаат сметките за водарина.
Вода за полнење на оризовите полиња нема ниту во атарот на селото Облешево. Оризопроизводителите бараат да се прогласи вонредна состојба , за да се воспостави ред при наводнувањето на земјоделските површини од кочанско до Овче Поле, бидејќи на терен владее анархија.
Од Водостопанство Брегалница посочуваат дека водата за светниколско е пуштена вчера, но синоќа по 22 часот забележана е кражба, односно испуштање на водата на две мерни мести кај селата Крупиште и Жиганци. Поради високите температурите во месец јуни наводнителната сезона е почната порано, но проблем е и стариот канал за наводнување и немање на доволен број на стручен кадар во Водостопанство Брегалница.
ВИКТОРИЈА ДИМИТРОВА ЈОВАНОВА