Се почна со гафот на претседателката, а мислам дека ова што ќе следи е излезна стратегија, вели Рамадан Рамадани, политички аналитичар, во вечерашното издание на „Вин-Вин“ на Телма ТВ во контекст на најавите на мандатарот Христијан Мицкоски дека ќе ја користи придавката „Северна“ при давањето заклетва за новата влада.
„Тоа беше истраен гаф на претседателката и беше обид да се тестира. Сега мислам дека ова што го прави мандатарот во најава, Христијан Мицкоски, всушност, е излезна стратегија од тоа. Оти се виде дека Грција е премногу блиску, не е некој далечен проблем, дека доаѓа лето и дека може да има реперкусии и по граѓаните и по партиите. И веднаш се сетивме на првиот период, пред решавање на проблемот со Грција оти се покажа дека тоа е голема работа. Едно е инсистирањето на Северна Македонија, како што повторуваа претходните, сосема друго е никогаш да не кажете Северна Македонија, името кое, сакаме или не, е уставно име на Република Македонија“, смета Рамадани.
Покрај ставот дека стратегијата на Мицкоски во најава е излезна по, како што вели, „гафот на претседателката“, според него, покомплицирано ќе биде со евроинтеграцискиот тек што ќе следува.
„Досега имаме најави дека тоа пак ќе биде столбот, значи евроинтегративниот процес, но да биде како претходно, кога евроинтеграциите се споменуваа, а ништо не се работеше во тој аспект. Реформите не се спроведуваа, законите со ЕУ знаменце не беа заради ЕУ, туку беа заради други причини. Македонија е во таа фаза во која тие работи ќе мора да ги направи. Евроинтегративниот процес на Македонија мора веќе политички да се развива и да се работи. Повеќе нема да може да се споменува декларативно, а да не се работи на тој план“, смета Рамадани.