Празно столче по сопствен избор на Иџет Мемети. Откако истрагата на обвинителството го стави на листата на осомничени за митото од 10 илјади евра со кои беше фатен врховниот судија Наке Георгиев, заменик претседателот и членот на Советот на јавни обвинители не дојде на седницата.
А на седницата под точка разно се расправаше и за неговата вмешаност во истрагата. Државниот обвинител Љупчо Коцевски замина од седницата со образложение дека не може да слуша детали за поведението на осомничениот поради тековната истрага за да не влијае врз неа. Да останеше ќе слушнеше дека на Советот законски му се врзани рацете.
Не смее да побара ништо, не може да го разреши Мемети, не може да го суспендира, единствено мора да чека да заврши евентуален судски процес па дури тогаш да одлучува за судбината на членството кое ја надзира и контрола работата на обвинителите. Иако обвинителството води истрага против него, Иџет Мемети законски може да учествува во назначување и разрешување на обвинители.
Таква состојба не била предвидена со законот за Совет на јавни обвинители. Мемети денеска не дојде, а останатите членови се надеваат дека и натаму ќе биде така сметајќи на моралот на осомничениот колега.
Обвинителот кој го истражува случајот со митото се сомневал во можно влијание на Мемети врз судско-обвинителни предмети но не побарал и судска мерка за забрана на вршење на дејноста со што членот на советот може да си доаѓа на работа.
Обвинителот кој е надлежен за предметот да го работи професионално и доколку има обиди за влијание и за притисок да пријави, а Советот ќе го заштити, уверуваа членовите на седницата за кои случајот е непријатна работа која влијае врз кредибилитетот и угледот на институцијата.
Но, кога има борба против организиран криминал и корупција не смее да се попречува и треба секој да ја војува, дебатираа колегите на осомничениот Мемети.
Миомир Серафиновиќ