Претставници на Здружението на приватни лекари денес излегоа на протест пред Фондот за здравство.
Претседателката на здружението Лилија Чолакова-Дервишова алармира дека за време на изминатиот викенд, здравствените власти решиле да ја намалат сумата за капитација во два дела во однос на препишана терапија, која ја земаат матичните доктори.
Голем дел од нив добиле мејлови во кои биле известени за оваа одлука. Таа бара итна промена на буџетот.
Од Фондот за здравство велат дека реакцијата на матичните лекари е поради целта за рационално препишување на лекови која што е на сила повеќе од 10 години и поради која им се намалува дел од капитација доколку некој од матичните лекари ја надмине таа цел.
Целта за рационално препишување на лекови е уредена со Правилник каде што се дефинира обемот на лекови кои што може секој од матичните лекари да го препише сразмерно на бројот на пациенти кои што ги има и во него е дефиниран процентот на препишани рецепти за антибиотици, анксиолитици и за останати лекови, додаваат од ФЗО.
Нина Стефанова