Дали и кој подготвува политичка криза и дестабилизација на државата? Извештајот на ОБСЕ ОДИХР во кој се предвидува можна нестабилност и неизвесни избори, ја заостри реториката меѓу партиите на Албанците на власт и во опозиција. Се обвинуваат меѓусебно дека токму другите се подготвени да предизвикаат немири, доколку не им одговара изборниот резултат. Првин вчера опозицискиот фронт го впери прстот кон ДУИ, а денеска интегративците нив ги обвинија за хибридна војна и предизвикување на паника кај албанскиот електорат.
- ДУИ: „Коалицијата “ДА за Европа, НЕ за Русија“ се сомнева дека коалицијата составена од деривати на ДУИ веќе го подготвила сценариото во служба на ВМРО-ДПМНЕ и Левица за да не го прифатат изборниот резултат и со тоа да предизвикаат дестабилизација и конфузија во јавноста, во служба на Русија„
Од албанската опозиција очекуваат „давеникот да се фати за сламка„, односно ДУИ да предизвикаат политичка криза за да не го прифатат поразот.
Во извештајот што од ОБСЕ-ОДИХР го објавија пред два дена, е изразена загриженост за предизборниот амбиент во земјава, можната злоупотреба на државни ресурси и притисок врз вработените во јавниот сектор, како и нетолерантната реторика што ја влошува тензичната политичка средина.
- ОБСЕ/ОДИХР: „Некои од соговорниците беа загрижени дека, медиумското покривање на изборната кампања е фрагментирано и поларизирано, а има и значително зголемување на националистичката реторика што може да резултира со зголемени немири и тензии, забележан е пораст на нетолерантна и насилна реторика која може да се толкува и како говор на омраза, вклучително и против етнички малцинства”.
Мисијата на ОДИХР ќе бара 24 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи за да ги следат изборите во земјава, со генерална оценка дека на изборните закони им треба суштинска реформа, а подготовките почнале предоцна.Забележуваат дека, последен пат Изборниот законик е изменет непосредно пред изборите во 2021 година и, иако минатата година почна со работа експертски тим составен од Министерството за правда (во која не учествуваше ВМРО – ДПМНЕ), текстот за измените исчезна од јавната сцена.Во извештајот стои и дека, голем број од нивните претходни препораки не се имплементирани, вклучително и тие, да се подобри отчетноста околу финансирањето на партиите и кампањите, да се изменат прописите за распределба на платените политички реклами, да се утврдат јасни процедури за мандатите и именувањата на членови во државните изборни комисии и да се отстранат ограничувањата што го попречуваат ефективното решавање на изборните спорови.
Далиборка Демјанска