Останете дома и со затворени прозорци, апелираа надлежните за дел од жителите на Тетово по пожарот во магазин и продажен салон на фирмата „Евроком“ кај село Фалише во кои изгоре голема количина на бои и лакови и друг вид на хемикалии. Од Центарот за управување со кризи и од Центарот за јавно здравје со препораки до населението да не се приближува до опожарениот објект поради опасност од негово уривање.
„Во моментов имаме јаглен моноксид, јаглен диоксид, пожарникарите се изложени. Диоксини и фурани се опасни и штетни материи. Наша препорака е без потреба да не се биде на ова место и во радиус од два километра луѓето да бидат дома и да не излегува население. Потоа ќе се испита водата и почвата“, изјави доктрор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов рече дека побарал помош од Армијата за да се испита што побрзо колку е загадувањето поради пожарот на големите колични хемиски материи.
„Се работи за голема количина на бои и лакови, и други хемикалии. Зборував со сопственикот и се работи за голема количина, можеби и 100 тона. Не можат да утврдат точно колку средства имало во моментот. Од Министерството за животна средина побарав мобилна станица за мерење на загаден воздух, но немаат таква опрема. Стапивме во контакт и со Армијата од одделот за биолошко и хемиско оружје кои минатиопт пат кога имаше голем пожар ги искористивме за испитување на постоење на отрови во воздухот“, изјави Ангелов.
Командирот на тетовската пожарна Авни Амети информираше дека спречено е пожарот да се прошири на друг објект во близината на магацинот.
Пожарот во магацинот на фирмата започнал утрово, околу 10 часот, во полицијата бил пријавен во 10:30 часот по што служби на СВР Тетово го обезбедиле местото. Во гаснење на огнената стихија покрај тетовските пожарникари, на помош пристигнале и пожарникари од други градови, како и механизација од приватни фирми.
Данијела Билбилоска