Законот за застареност на долгови е донесен во Собранието и објавен во Службен весник пред четири месеци. Иако постои тој закон за застарување на долгови постари од 10 години, извршителите не го почитуваат, велат неколку здруженија на граѓани.
Апелационите судови во Скопје и Гостивар веќе донесоа апсолутно застарување, што укажува дека законот постои. Четири Основни судови и осум судии го донесоа апсолутното застарување и во второстепените веќе имаме две три решенија, вели Ана Глигорова, Здружение “Човекот над профитот“ .
Што му фали на овој закон дали има рокче па некого го боде, на нас не ни е јасно. Како што е законот во нормална држава мора да се почитува. Во оваа држава единствено што функционира се извршителите, адвокатите, нотарите, брзите кредити и финансиски друштва, вели Марјан Ристески ,Претседател на КСОМ.
Од здруженијата сметаат дека веднаш по донесување на законот извршителите требало да ги прекинат сите постапки кои подлежат на застарување на долгови. Дел од граѓаните сами поднеле барање за запирање на постапките, но судиите не ги уважиле, велат од граѓанските здруженија кои сметаат дека извршителите и судиите треба кривично да одговараат затоа што не работат според законот.
Има на некој начин некое здружување помеѓу незаконската работа на извршителите и незаконската работа на судиите и треба кривично да се одговара за ова. Дали е тоа извршителско лоби толку силно и дали тоа ги полни сметките на нашите политичари тоа треба да се запрашаат во Јавното обвинителство, вели Марјан Ненов, Здружението „Но пасаран“.
Пред неколку дена здруженијата поднеле иницијатива до Уставнен суд каде што оспоруваат член од законот за извршување за кој сметаат дека е неусогласен со законот за облигациони односи.
Измените и дополнувањата на законите за облигациони односи и за извршување стапија во сила на 20-ти јули. Со измените и дополнувањата на законот за извршување се врши ограничување на висината на каматата која не може да биде повисока од главниот долг и застарување на извршната постапка е десет години.
Тамара Марковска