Има ли одговорност кај судии за проблематичната конфискација за „Трансмет“? Извештајот на Судски совет, кој треба да го даде одговорот на ова прашање и по 16 месеци не е изготвен. Постојат 4 одделни извештаи од контроли во судовите каде има предмети поврзани со „Трансмет“, но не и единствен сумиран.
Експретседателката на судски Весна Дамева одолговлекувањето го лоцираше кај колешката Лорета Георгиева која доцнела со извештај за скопскиот Граѓански суд, кој го доставила последниве месеци. Извештаите за Кривичен Врховен и скопска Апелација, каде координатори биле членовите Дамева, Ханиф Зендели и Тања Чачарова Илиевска, биле подготвени уште лани во првите месеци по заклучокот на судски да се провери постапувањето на судиите во контекст на спорната конфискација на „Трансмет“. Георгиева денеска беше отсутна од седницата.
Неколку пати усно укажував на членот, меѓутоа не наидов на разбирање. Укажував и на последиците бидејќи сме врзани и за рокови за постапување и се плашев дека дел од тие рокови ќе истечат и ќе сносиме и ние одговорност бидејќи не може да се криеме зад останатите членови или цел Судски совет. Затоа кажав дека за жал одредено постапување на одредени членови е на штета на целиот Судски совет, рече дамева.
Судски денеска си постави последен рок од 15 дена во кој четворицата координатори треба да изготват единствен сумиран извештај.
Летово, Антикорупциска ја расплетка шемата на изигрување на државата со конфискацијата на „Трансмет“ со што е предизвикана штета од над 12 милиони евра. Беа посочени нотари, проценители, обвинителства, правобранителство, државни институции, фирми и луѓе поврзани со Сеад Кочан и „Пуцко Петрол“.
Судски ќе бара од Врховен со начелен став да ја разреши дилемата, дали треба да се повторуваат случаи како Даравелски, кој не ја одлежа правосилната затворска казна откако доби право на повторно судење во кое му се констатираше дека делото му е застарено за гонење. Овој начелен став е потребен додека не се промени ЗКП со кој би се забранило апсолутна застареност при повторена постапка поради отсуство на првото судење. За ова веќе има и различна пракса во судовите, посочи судијката Мери Радевска која го презентираше извештајот за скопскиот кривичен суд
Меѓу предметите во кои комисијата на Судски правела увид при посетата во Кривичен е и случајот за сообрќајната несрека кај Ласкарци, поради претставките поврзани со одолговлекувањето на судењето и застојот со суспер вештачењето, но од судски констатираа дека не можат да се мешаат во предмет кој сѐ уште трае.
Елена Ивановска Мукоска