Директорот на ДЗС Ангелов тврди дека има голем интерес од невработените лица за 20 илјади денари да помагаат околу пожарите. Признава дека сумата може би не е примамлива но доста лица му се обратиле лично и нему. Сепак, тој инсистира да се јават на огласот кој е објавен денеска и ќе трае пет дена. Бруто износот пак кој е пресметан за секој доброволец е 24 илјади денари.
Мојот фејсбук е затрупан со пораки се извинувам затоа што не можам да им одговорам на нив. Исто така добивам и многу барања или интерес и на мојот приватен број. Но, треба едноставно оние кои се заинтересирани да се пријават онаму каде што тоа го бараат огласите, односно повиците кои се уредно објавени. Не е некоја примамлива плата, но нашата цел е да селектираме квалитетни лица кои потоа би продолжиле професионално да работат, вели директор на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов
Но, интересно е тоа што сезоната на пожари е во полн ек, а овие лица кои ќе бидат ангажирани допрва треба да поминат и обука за што е потребно време. Оваа мерка се спроведува во рамки на оперативниот план за вработување кој се донесе со задоцнување.
Од друга страна пак со стартот на овие проблеми се почести се и препукувањата меѓу власта и опозицијата. Владата нема план и стратегија, потребни се оставки. Ова го зборуваше ВМРО- ДМПНЕ во опозиција. Сега пак вакви содржини стигнуваат од СДСМ. Вчера од партијата обвинија дека цела Македонија гори, а власта нема контрола.
И додека траат овие преписки, проблемите со пожарите се решаваат со стари возила дури и по повеќе од 50 години.
Веќе излезе анализа дека најстарото е од 1966 година, без доволно пожарникари, проблем за кој се зборува со години, без противпожарни метли и потреба од други ресурси. Секоја година се зборува за промени, но со стартот на летото повторно проблемите и недостатоците излегуваат на површина.
Ирена Чачкова