Осомничениот Фатон Љури веќе е префрлен во истражниот затвор во Шутка, откако Кривичниот совет на скопскиот кривичен суд му определи затворски притвор, наместо домашен притвор бидејќи е во тек истрага за сообраќајната несреќа на пешачката зона на скопскиот Кеј.
Во несреќата, минатиот вторник, настрада Југослав Николовски кој беше удрен од мотоциклистот Љури на 10-тина метри од својот дом додека се движел по пешачка зона на која е забранет сообраќај на моторни возила. По предизвикувањето на несреќата, 25-годишниот Љури избегал од местото на настанот без да му пружи помош на повредениот Југослав и на повредениот сопатник од мотоциклот.
Николовски почина наредниот ден во болница. Иако обвинителството бараше притвор за мотоциклистот кој беше уапсен од полицијата, судија на кривична постапка му определи домашен притвор и не го прифати наводите на обвинителството за опасност од ново бегство на осомничениот Љури. Но, по жалба на обвинителството, денеска Кривичниот совет на скопскиот суд ја преиначи одлуката и му определи затворски притвор.