Вести Македонија Топ вести

До 10 милиони евра загуба од реформската агенда

До крајот на јули, Европската комисија (ЕК) ќе ја издаде проценката на реализација на Реформската агенда што требаше да ја спроведе земјава до декември во 2024 година, по што ќе продолжи со ослободување на средства врз основа на реализираните чекорите. Ова го соопшти Делегацијата на ЕУ во Македонија, откако во Скопје се одржа првиот состанок во регионот на Комитетот за следење на спроведувањето на Инструментот за реформи и раст.

И во очекување Брисел да каже колку од обврските што ги презела земјата со Реформската агенда ги исполнила и колку средства за тоа ќе ѝ бидат ослободени, Телма дознава за што Македонија ќе остане покуса пари, и за декемвриската и за јунската транша, односно каде потфрлила во исполнување на реформската агенда.

Па така, Министерството за енергетика ќе остане во минус за 2,1 милион евра, по негативната евалуација на проектите спроведени до декември во 2024 година, а не успеа да ги спроведе и реформските обврски до крајот на јуни, со што, најмногу за една година, државната каса за реформски проекти поддржани од ЕУ, ќе остане празна за уште 10 милиони евра.

На министерството за финансии, како што објави Телма, не му се прифатени три од 17 подзаконски акти на законот за Буџет –  реформа чиј рок беше декември лани, со што на Финансии ќе му бидат одбиени дел од 4,2 милиони евра од предвидената награда.

Од Министерството за финансии, за Телма, директно не кажуваат дека не им се прифатени сите 17 подзаконски акти, но посредно потврдија дека не ги исполниле реформите во предвидениот рок.

„За условите за повлекување на средствата од првата транша кои се предвидени е оставена можност од период од една година за квалитативно и техничко усогласување, по што овие средства би биле префрлени на државата. Да напоменеме само дека во овој момент не значи дека државата ги изгубила тие средства, туку дека по техничкото усогласување на дел од подзаконските акти средствата ќе бидат префрлени“, се наведува во соопштението од Финансии.

Од Министерството за енергетика, пак, наместо директен одговор на прашањето на Телма дали Македонија ќе остане пократка за 2,1 милион евра во оваа фаза поради негативната оценка од ЕК за Годишниот план на Министерството за 2025 година, кој беше дел од реформската агенда со рок на спроведување до крајот на 2024 година, од таму со обвинување дека такви изјави се целосно неточни и дека постои продолжен рок за реализација од 12 месеци.

„Согласно со постоечката документација која е усогласена со Европската комисија, јасно е наведено дека станува збор за средства чие финално одобрување има продолжен рок до јуни 2026 година. Сите чекори што се преземени се транспарентно документирани и ќе бидат предмет на редовна евалуација според договорените механизми со ЕК“, се наведува во одговорот од Министерството за енергетика.

За реформските обврски до декември лани, Македонија требаше да добие 17 милиони евра, а за оние чиј рок беше јуни годинава – 70 милиони. Но, три министерства со непочитување на јунските рокови, засега ја оставија реформската каса празна за околу 40 милиони евра.

Државните институции главно одговараат дека парите не се загубени, бидејќи имаат поправен испит од една година. Но, според моделот за распределба на парите: секое заостанување поради неспроведени или неквалитетни реформи, значи и помалку пари во касата за реформски проекти.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гала концерт „Од MOБ за Скопје“ на плоштадот „Мајка Тереза“

Дејан Дејан

Родителите на жртвите од „Пулс“ во понеделник ќе чекаат одговори од надлежните за нивните барања

Дејан Дејан

Семејствата на жртвите од „Пулс“ не веруваат на институциите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе