Доналд Трамп, на својот профил на Трут Сошал, објави пораки кои му ги испратил генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој му честита на шефот на американската држава за преземената „решителна акција“ во Иран.
„Честитки и ви благодарам за вашата решителна акција во Иран, која беше навистина исклучителна и нешто што никој друг не се осмели да го преземе. Таа не направи сите нас побезбедни“ – вели Руте во својата порака.
„Вие сега летате кон уште еден голем успех во Хаг“ – продолжува Руте, зборувајќи за очекувањата дека членките на НАТО ќе се согласат да инвестираат 5 % од својот бруто домашен производ на одбрана и безбедност.
„Ќе остварите нешто што НИТУ ЕДЕН американски претседател не го направил со децении“, додава првиот човек на алијансата.
Зборот „ниту еден“ , како и зборот „многу“ во реченицата: „Европа МНОГУ ќе плати, како и што треба“, Руте ги напишал со големи букви, што неодоливо потсетува на објавите на американскиот претседател.
Ласкањето е алатка која многумина ја користат во обид да ја добијат поддршката на Трамп, но ретко кога е толку видлива за пошироката јавност, како во случајот на генералниот секретар на НАТО.
Алијансата потврди дека пораките се вистински, но без објаснување дали Руте планирал тие да бидат на увид на светската јавност.