По најавата на УХМР дека дневните температури оваа недела ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени, Владата на денешната седница донесе одлука за спроведување на мерките согласно црвената топлотна фаза.
Според тоа, Министерството за здравство во координација со УХМР и Институтот за јавно здравје е задолжено редовно да информира за состојбата со топлотниот бран, а здравствените установи, установите за згрижување стари лица и образовните институции да постапат согласно протоколите за кризна состојба.
Образовните институции и градинките треба да избегнуваат активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Во однос на работните услови и заштита на работниците, се препорачува да се разгледа можноста за:
„Одложување на работниот процес во критичните часови од 11до 17 часот за работници изложени на директна топлина, реорганизација на работните процеси за вработените изложени на директна топлина, работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо, работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно Акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку, ослободување од работни обврски за бремени жени и лица над 60 години, доколку работодавецот не е во можност да создаде соодветни микроклиматски услови за работа“.
Здравствените, образовните и социјалните установи треба да го ротираат персоналот и да обезбедат климатизирани простории за пациентите и вработените. Од друга страна, центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст да ја интензивираат теренската поддршка за осамени, стари и бездомни лица. Во сетот мерки и обезбедување на климатизиран јавен превоз за граѓаните во текот на целиот ден.