Предлогот за избор на нов министер за здравство утре се наоѓа пред пратениците.
Предлог-текстот е потпишан лично од претседателот на Владата и ја содржи биографијата на Азир Алиу, кој е предложен за наследник на Таравари во министерската фотелја.
Таму се наведува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој во моментов ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, а беше и министер во ресорот информатичко општество и администрација, во Владата на Ковачевски.
Но, неговата компетентност ги скара власта и опозицијата. Власта во него гледа соодветен избор. Опозицијата е јасна во ставот, велат дека очекуваат Владата да понуди квалитетен кадар, а тоа што го гледаат е несериозност.
„Гледаме дека здравството тоне и очекуваме Владата да си понуди квалитетен кадар, да понуди проект, план за работа – како навистина ќе го исполни тоа што го ветуваше кај граѓаните. Досега ова што го гледаме е навистина една несериозност кон еден од најклучните сектори во државата“, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Од Владата очекуваат Предлогот за избор на Азир Алиу да биде поддржан од страна на пратениците. Минатата недела, премиерот Мицкоски кажа дека очекува добра соработка со Алиу, а првиот вицепремиер Меџити оцени дека тој е најдобар предлог, човек кој го познава системот и кој може добро да менаџира.
Алиу е дел од крилото на Алијанса за Албанците кое останува дел од Вреди, по оставката на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
„Можам да кажам дека утре во Собранието ќе биде Предлогот и ќе наиде на поддршка, од неговото искуство досега очекувам да биде посветен на ресорот здравство и да направи навистина една добра реорганизација во делот на она што е потребно за здравството – работа, макотрпна работа, посветеност, реализација на Програмата за работа на Владата во делот на здравството и сите оние политики коишто се наш приоритет“, вели Марија Митева, портпаролка на Владата на РС. Македонија.
На седницата, според Дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Петар Догов